Македонија МВР: Се намалува бројот на лица што го прекршуваат полицискиот час

МВР: Се намалува бројот на лица што го прекршуваат полицискиот час

Фото: Арбнора Мемети

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека во текот на изминатата ноќ се намалил бројот на лица што го прекршиле полицискиот час. По однос на контролата на забраната за движење од 21 до 05 часот, утврдено е дека 66 лица не ја почитувале забраната при што приведени биле 37 лица, а за другите се изготвени записници и ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Покрај за прекршувањето на полицискиот час, од МВР информираат дека во соработка со другите институции во изминатото деноноќие извршиле и контрола врз 222 угостителски и други објекти. Во три случаи за три објекти е констатирано непочитување на владините мерки и одлуки.

Во изминатите 24 часа, според евиденцијата на МВР, на територијата на државата на 368 лица им се издадени решенија за изолација, 82 потпишале изјави за самоизолација, а од страна на полициските служби извршени се контроли и е констатиран само еден случај на лице кое не ја почитувало самоизолацијата. И во делот на непочитувањето на самоизолацијата, констатирано е намалување на бројот на нејзини прекршувања од страна на граѓаните.

Заклучно со вчерашниот ден, од Основното јавно обвинителство соопштија дека се поднесени вкупно 71 кривична пријава за прекршување на членовите 205 и 206 од Кривичниот законик, како и пријави за непочитување на мерки за спречување или сузбивање на опасната заразна болест COVID 19. Кривичните пријави се однесуваат на вкупно 84 лица низ целата земја, а меѓу нив е поднесен и еден обвинителен предлог во Струмица. Најчестата казна во досега поднесените пријави за прекршителите изнесува 2.000 евра.