Македонија Мрежата ИЦЕДА објави повик за мали грантови за граѓански организации од регионот

Мрежата ИЦЕДА објави повик за мали грантови за граѓански организации од регионот

Мрежата „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда“ (ИЦЕДА) распиша повик за конкурирање за мали грантови за граѓански организации. Може да конкурираат граѓански организации од Северна Македонија и од земјите од регионот, а грантовите што ќе се доделуваат ќе изнесуваат меѓу 13.000 и 17.000 евра, за проекти со времетраење од 18 месеци.

Проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ИЦЕДА“ е кофинансиран од Европската унија и го спроведуваат Фондација Метаморфозис, Отворени податоци Косово (ODK), Академија за е-владеење (eGA), Центар за истражување, транспарентност и отчетност – CRTA, Lëvizja MJAFT, НВО 35 MM.

Во рамките на регионалната мрежа ќе се доделат 15 мали грантови на граѓански организации (ГО) од Албанија, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Грантовите ќе се доделуваат со цел да се зголеми капацитетот на ГО и медиумите за справување со предизвиците поврзани со дигиталната агенда, овозможувајќи им да станат активни учесници во процесот, како и да се зајакне улогата на ГО во помагање на државните институции за подобро искористување на потенцијалот на информатичко-комуникациските технологии (ИКТ) со цел да се подобри квалитетот на нивните е-услуги за граѓаните и да се зголеми нивната отвореност, вклучително и постигнување поголема транспарентност и одговорност преку развој на ефикасни е-владини системи. Целта на проектот и на грантовите, исто така, е да се ​​зајакне довербата и безбедноста на интернет преку обезбедување обуки и подигнување на свеста преку мрежа на ГО кои промовираат дигитална писменост, вештини и вклученост на регионално, национално и локално ниво.

Сите услови за конкурирање, како и потребната документација, може да се видат тука.