Главна секција Могерини: Тоа што го видовме во Скопје е многу тажно за сите...

Могерини: Тоа што го видовме во Скопје е многу тажно за сите нас

Тоа што го видовме вчера во Скопје е особено загрижувачко и многу тажно за сите нас, изјави денеска во Валета на Малта, високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини.

Синоќешните случувања во македонското собрание беа првата тема што пред новинарите ја отвори Могерини, непосредно пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите-кандидати за членство во ЕУ – Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија и Турција.

– Тоа што го видовме вчера во Скопје е особено загрижувачко и многу тажно за сите нас. Насилството секогаш го сметаме за неприфатливо, уште повеќе кога се случува во куќа на демократијата – во парламент. Веруваме дека сите во Скопје треба да ги следат принципите на Уставот, демократијата и да се обидат да ја извлечат земјата од оваа сериозна криза, која може да биде опасна – изјави Могерини.

На состанокот, како што соопштија денеска од Министерството за надворешни работи, на покана на Могерини, учествува и шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски.