Македонија Мицкоски му се пожали на Хан дека нема напредок во реформите и...

Мицкоски му се пожали на Хан дека нема напредок во реформите и повика на консензус за името

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Брисел имал средба со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на која било разговарано за реформските процеси во земјава, во кои и „покрај ветувањата на Владата, сè уште нема суштински напредок“, особено во клучните области – економијата, судството и владеењето на правото.

– Говоревме за реформите и реформските процеси кои што би требале да се случат во Република Македонија, но за жал нивното случување заостанува. Со еден збор кажано, апсолутно го понудивме сиот наш човечки и административен потенцијал како ВМРО-ДПМНЕ, за да можеме да допринесеме и да дадеме вредност на она што се вели, што е можна побрза интеграција на Република Македонија во рамките на Европската Унија – изјави Мицкоски по средбата.

Мицкоски го запознал еврокомесарот Хан за содржината на средбата на државно-политичкиот врв во Клубот на пратениците. Тој рекол дека го виделе предлогот на медијаторот Метју Нимиц „кој што повеќе или помалку и е познат на јавноста“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласил дека остануваат на патеката за што е можно побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО, а истовремено потенцирал дека „ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на државните и национални интереси“.

– Со жалење може, исто така, да констатираме, од она што можеме да го прочитаме деновиве по медиумите, дека за решавање на овој долгогодишен спор помеѓу нашата земја Република Македонија и соседна Република Грција се уште во општеството и помеѓу политичките конкуренти во соседна Република Грција не постои консензус. Апелирам што е можно побрзо да се најде консензус и да дојде крајот на решавање на овој долгогодишен спор кој што Република Македонија го има со соседна Грција – изјави Мицкоски.