Македонија МИОА: Трансферот на вработени од јавен во приватен сектор ќе биде доброволен,...

МИОА: Трансферот на вработени од јавен во приватен сектор ќе биде доброволен, без уцени

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска на прес-конференција го повтори ставот дека е против трансферот на вработени од јавен во приватен сектор бидејќи според нив оваа реформа ќе се користи за уцени и заплашување врз вработените.

„Прашуваме зашто е потребен овој трансфер на веќе обучени административци кога сведоци сме дека во последниве три години се вработени преку 40.000 нови вработени во јавниот сектор, бројка која е далеку поголема од онаа што се прикажува вишок во јавниот сектор. Во последниот период, особено последниот месец, во многу институции се поведуваат многу постапки за дисциплински престап, што само по себе повторно кажува дека целата таа операција е отпочната, но освен ние, другите молчат и го одборуваат тој чин. Тие притисоци почнуваме да ги трпиме и ние самите затоа што тоа не не одминува и нас како синдикални лидери со цел да се направи притисок и врз нас кои јавно и гласно зборуваме за трансферот,“ истакна претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

КСС бара наместо парите за овој трансфер да му се даваат на бизнис-секторот, да се пренаменат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и да се донесе законско решение за предвремено пензионирање на сите што имаат полни 60 години, со полн стаж.

Од Министерство за информатичко општество и администрација (МИОА) реагираа на обвинувањата на КСС, истакнувајќи дека имајќи го предвид предизборниот период, сите можности за казни, трансфери, награди, не се активни.

„Што значи дека ова обвинување за притисоци и закани не може никако да се поткрепи со примери од секојдневното работење на институциите. Трансферот се уште не е отпочнат ни конкретно предвиден процес, а за утврдување на условите и начинот на којшто ќе се спроведува се разговара со сите засегнати страни, вклучително и со синдикатите за што КСС се свесни и се во тек. Разговорите ќе продолжат да бидат инклузивни и одлуката ќе се донеси заеднички.Трансферот ќе биде исклучиво доброволен процес, никој вработен нема да биде принуден на тоа,“ се додава во реакцијата на МИОА.