Македонија Министерството за транспорт и врски потврди дека нема да се градат „Шпанските...

Министерството за транспорт и врски потврди дека нема да се градат „Шпанските скали“ на плоштад

Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски, ја одби жалбата на инвеститорот Амадеус Девелопмент ДООЕЛ за изградба на „Шпанските скали“, со што на сила останува решението издадено од општина Центар за ништовност на одобрението за градење на таканаречените „Шпански скали“, информираат од општина Центар.

Инаку, општина Центар, на 12.5.2020 година, донесе решение со кое го огласи за ништовно одобрението за градење на таканаречените „Шпански скали“, на инвеститорот Амадеус Девелопмент, затоа што истиот не започнал со градежни активности во законски предвидениот рок од 2 години.

Инвеститорот Амадеус Девелопмент ДООЕЛ, незадоволен од решението на општина Центар, изјавил жалба до второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски, како орган надлежен за решавање на спорови. Второстепениот орган при Министерството за транспорт и врски на 20.8.2020, донел решение со кое што жалбата на инвеститорот изјавена против решението издадено од општината од 12.5.2020 се одбива како неоснована.

Второстепениот орган укажал дека општина Центар правилно ги проценила и увидела дека се исполнети условите за огласување на ништовно одобрение за градење. Оттука, општината постапила правилно и не го повредила законот како на нејзина штета, така на штета на граѓаните, а најмалку на штета на жалителот во постапката, стои во соопштението од општина Центар.