Главна секција Министерството за правда ќе поднесе нови барања за екстрадиција на Никола Груевски,...

Министерството за правда ќе поднесе нови барања за екстрадиција на Никола Груевски, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири

Фото: Wikipedia

Министерството за правда соопшти дека во наредниот период ќе поднесе нови барања за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, како и за Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, обвинети за масакрот кај Смилковско Eзеро.

„За Никола Груевски досега е испратено едно барање за екстрадиција од ноември 2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година. Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи, односно за сите постапки за кои е распишана потерница. Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година со образложение дека на Никола Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегал. Состојбата со сите судски постапки внимателно се следи, а Министерството за правда ќе постапи соодветно и ќе поднесе ново барање за екстрадиција“ наведено е во соопштението од Министерството.

Откако Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која ја потврди првостепената одлука за ,,Монструм” со која Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се правосилно осудени на доживотна казна затвор, Министерството за правда најави дека и за нив  повторно ќе поднесе ново барање за екстрадиција.

Оттаму појаснуваат дека официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ се испратени два пати, февруари 2016 година и октомври 2021 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година.

За Лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година. На 08.10.2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор. Во постапките, се што беше побарано од косовските власти беше доставено.