Македонија Министерот Бочварски вети дека годинава ќе се пушти во функција пругата Битола-Кременица

Министерот Бочварски вети дека годинава ќе се пушти во функција пругата Битола-Кременица

Извор: Facebook page of the Bitola-Kremenica Project

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешната посета на Пелагонискиот регион порача дека изградената пруга Битола-Кременица годинава ќе биде ставена во функција. Тој информираше дека моментов се вршат последните тестирања на новата пруга и се очекува до крајот на годинава да се пушти во употреба железничката станица во Жабени, од што бенефит ќе има и тамошната индустриска зона.

Инаку, пругата од Битола кон македонско-грчката граница беше завршена со изведба уште на почетокот од 2019 година. Железничката делница долга 17 километри беше првично тестирана за одвивање на сообраќајот во април минатата година, но работите запнаа кај поставувањето на оптички кабел и поврзувањето на новата пруга со останатата железничка инфраструктура во земјава.

Во градежниот зафат се инвестираа 17,2 милиони евра, при што 6 милиони евра беа грант од Европската Унија и 11 милиони евра беа обезбедени од државниот буџет. Пругата од Битола кон Кременица претставува второ железничко поврзување меѓу Северна Македонија и Грција. Покрај тоа што ќе овозможи поевтин и побрз превоз на стоки и патници за жителите и компаниите од Пелагонискиот регион, оваа пруга би можела да се користи и како алтернативен железнички правец на Коридорот 10 меѓу Велес и Гевгелија.