Македонија Министерката Петровска ќе се сретне со синдикатите во однос на барањата на...

Министерката Петровска ќе се сретне со синдикатите во однос на барањата на војниците

Извор на фотографија: Министерство за одбрана

Министерката за одбрана Славјанка Петровска во текот на неделава ќе го покани на средба најрепрезентативниот синдикат во одбраната, а потоа ќе се сретне и со претставници на останатите синдикати, пишува Порталб.мк.

„Ставот на министерката е дека правата на вработените мора да бидат заштитени и испочитувани. Во тој правец, меѓу другото, министерката ќе понуди решение за исплата на додатоците и прекувремената работа. Состаноците на министерката Петровска со синдикатите во одбраната ќе бидат редовни, најмалку два пати месечно на нејзина иницијатива“, информираат за Порталб.мк од Министерството за одбрана.

Од Министерството велат дека вработените во одбраната и Армијата во последните четири години добиле драстично подобри услови и поголеми права, во голема мерка како резултат на соработката со синдикатот. Тие додаваат дека таквата соработка ќе продолжи и ќе се зацврсти.

Порталб.мк претходно пишуваше дека стотици вработени во Армијата на Северна Македонија, вклучително и професионални војници, ја тужат државата бидејќи, како што тврдат, не им се плаќа ноќниот труд. Притоа, податоците на Министерството за одбрана велат дека од 2018 година до сега пристигнале околу 2.000 тужби што се поднесени од професионалните војници. Според нив, голем број од овие тужби биле поднесени од еден тужител за различни периоди.