fbpx

Стотици војници ја тужат државата, од МО се сомневаат дека мотивот е политички

-

Стотици вработени во Армијата на Северна Македонија, вклучително и професионални војници, ја тужат државата бидејќи, како што тврдат, не им се плаќа ноќниот труд. Притоа се повикуваат на Законот за работни односи. Од друга страна, Министерството за одбрана (МО) тврди дека надоместоците за ноќен труд се плаќаат по основ на Законот за одбрана, Служење во Армијата на РСМ и Колективниот договор за вработените во одбраната. Според податоците на Министерството, државата досега изгубила 400 од 2.000 случаи, а на вработените им исплатила околу 125.000 евра, пишува Порталб.мк.

„Проблемот со ноќното дежурство датира од 2013 година, но од очигледни причини и најверојатно политички мотивирани, тужбите започнаа во 2018 година. Иако од овој период започна исплатата на додатокот во вид на дневница, а што пред овој период не се исплаќаше воопшто, туку само беше заменет со користење на слободни денови“, истакнуваат од Министерството за одбрана (МО) околу ова прашање.

Според податоците со кои располага МО, од 2018 година до сега пристигнале околу 2.000 тужби што се поднесени од професионалните војници. Според нив, голем број од овие тужби биле поднесени од еден тужител за различни периоди.

„На пример, конкретен тужител поднесува 3 или 4 тужби за различни периоди. Значи, бројот на професионални војници кои поднесуваат тужби е драстично помал од бројот на тужби, а споредено со вкупниот број на припадници на Армијата тој е помал од 10 отсто“, велат од Министерството.

Од овие 2.000 тужби, според МО, 400 се делумно или целосно прифатени од судовите, а државата на вработените кои тужеле по основ на надоместоци за ноќен труд исплатила околу 7.600.000 денари или околу 125.000 евра.

Вработените и Министерството за одбрана наведуваат различни закони

Вработените го тужат Министерството за одбрана бидејќи оценуваат дека не се платени според Колективниот договор, но и Законот за работни односи.

„Дневното работно време е 8 часа. Ноќната смена воопшто не се разликува од дневната, не ни плаќаат ништо повеќе затоа што цела ноќ остануваме на работа. Исто е кога работиме од 8 часот  наутро до 4 попладне, како и кога работиме од 12 навечер до 8 наутро. Бараме кога работиме ноќе да се плаќа посебен додаток, како што и предвидува законот“, вели за Порталб.мк, професионален војник, кој го тужи Министерството и сака да остане анонимен.

Според членот 128 од Законот за работни односи за ноќна работа се смета распоред од 22:00 часот до 06:00 часот наредниот ден. Според законот, работодавачот, меѓу другото, мора да исполни некои обврски кон работникот.

„Ноќната работа се пресметува за работниците кои работат ноќе. Ноќно време, согласно постојните законски одредби е работата на работникот во периодот од 22:00 до 6:00 часот наредниот ден. И, доколку работникот работи во овој период, за работното време во текот на ноќта, има право на додаток за ноќната работа, чиј износ е определен и со посебни законски одредби, или со колективни договори. Вообичаено тоа е за 35 отсто, за секој час поминат на работа во текот на ноќта“, објаснува Маријанка Алексевска, вработена во Министерството за труд и социјална политика, во видео објавено на ЈуТјуб каналот на „samoprasaj.mk”.

Но, од Министерството за одбрана нагласуваат дека основните правни акти кои се однесуваат на правата на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се Законот за одбрана, Законот за служба во Армијата и Колективниот договор.

„Со споменатите акти се уредуваат материјалните права и сите други права и обврски кои, во најголем дел од прописите, овозможуваат остварување на посебните права на нашите вработени, како што се: Воен додаток од 30 отсто, остварување на бенефициран стаж, посебни додатоци на плата за одредени специјалности со кои се овозможуваат посебни права, кои ги нема во други законски акти во државата и кои се во врска со работничките права“, велат од Министерството.

Министерството за одбрана е на став дека за ноќната работа се плаќа, како дел од воениот додаток кој е во висина од 30 отсто од платата според степенот на образование и обврската која што се спроведуваше досега. Со тоа платата на професионалните војници се зголемува за 30 отсто според повеќе основи, вклучително и ноќната работа и тоа за цел месец, а не само за одработените часови кои се поминуваат во ноќна работа.

Според членот 152 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, воен додаток припаѓа поради посебните услови за служење во Армијата и тоа за: работа на терен; кампување; наредба за аларм; учество на обуки; воена обука, наставно – методски, показни и слични вежби; привремено распоредување на воени единици и институции; гаѓање; работа подолго од полното работно време, работа во смени, ноќна работа, работа во недели и празници; користење и забраната на годишен одмор според потребата на службата; преместување; вршење на служба во сите услови како и другите вонредни ситуации кои произлегуваат од потребите на борбената готовност на армијата. Воениот додаток следува поради посебните услови за служба во Армијата и се пресметува во висина од 30 отсто на платата, според степенот на образование и должност.

„Истовремено, исплатата на додатокот на плата за ноќна работа се регулира во член 93 од Законот за служба во армијата и член 73 од Колективниот договор на вработените во одбраната, каде меѓу другото е предвидено, по барање на работникот, зголемувањето на платата за вршење на работата ноќе, да може да се замени со слободен ден“, велат од Министерството.

Синдикатите велат додатоците се предвидени во Колективниот договор

Порталб.мк контактираше со двата синдикати кои ги штитат правата на вработените во Министерството за одбрана и тие не се согласуваат со ставот на Министерството, туку бараат на вработените да им се исплатат додатоците, како што е предвидено во Колективниот договор на Министерството за одбрана.

„Колективниот договор е целосно усогласен со Законот за работни односи и предвидени се и ноќната работа како и сите форми на прекувремена работа, така што и овде неговата примена ќе има позитивни ефекти врз вработените“, вели за Порталб.мк Ванчо Исајов претседател на Самостојниот синдикат за одбрана (ССО).

И претседателот на Синдикатот за одбрана и безбедност Ристо Ајтов, вели дека во моментов има стотици тужби и се водат судски постапки, а секојдневно има и нови тужби, при што Министерството губи пари.

Според него, најчесто тужат оние кои ја завршуваат службата во армијата или им завршува договорот за работа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...