Македонија Мицкоски не признава пораз, победиле во најмногу општини, сака да преговара за...

Мицкоски не признава пораз, победиле во најмногу општини, сака да преговара за формирање влада

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во првото појавување по објавувањето на резултатите од вчерашните избори не ја честиташе победата на противникот и не го призна изборниот пораз. Наместо ова, тој тврди дека народот се определил за промени и дека расположението на граѓаните во земјава е опозициско, при што опозицијата освоила повеќе гласови од власта. Мицкоски тврди дека ВМРО-ДПМНЕ без Беса во редовите на СДСМ, освоила повеќе пратенички мандати.

Тој тврди дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“ победиле во 41 општина низ земјава. Истовремено, Мицкоски обвини дека резултатот бил постигнат во тешки околности, силни притисоци и бројни нерегуларности. Власта спровела масовен поткуп, вели Мицкоски и дополнува „добиваме различни информации дека сомнително се броени и изнесувани податоците“.

– ВМРО-ДПМНЕ го има најголемиот кредибилитет да се бори за состав на новата Влада. Кога треба да се соочиш со сериозни предизвици, јас сум оптимист затоа што настапуваме чесно и принципиелно – изјави тој.

Тој наведе дека планира да разговара за формирање собраниско мнозинство за идната влада, но ја отфрли коалицијата со СДСМ и Зоран Заев. Воедно, тој спомена дека e подготвен да преговара со ДУИ, но нема да ја прифати идејата за Албанец премиер.

Христијан Мицкоски наведе дека ќе поднесат приговори до ДИК за изборите, но не кажа колку и на што ќе се однесуваат тие.