Свет Европа Мицотакис: Предвремени избори во Грција во мај

Мицотакис: Предвремени избори во Грција во мај

Податоците од анкетите пред одржувањето на парламентарните избори покажуваат дека се топи предноста на Нова Демократија пред левичарската партија СИРИЗА

Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис | Фото: European People's Party, CC BY 2.0, Викимедија Комонс

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во синоќешното телевизиско интервју рече дека предвремени парламентарни избори во Грција ќе се одржат во мај, пренесува весникот Катимерини. Четиригодишниот мандат на Мицотакис истекува во јули годинава, а очекувањата беа тој да ги распише изборите за почетокот на април.

Владата е под голем притисок на грчката јавност по железничката несреќа на 28 февруари годинава, во која животот го загубија 57 лица. Лошата состојба на железничката инфраструктура предизвика протести ширум Грција и бес кај јавноста, кои веќе предизвикаа топење на поддршката на владејачката партија Нова Демократија на Мицотакис.

Премиерот Мицотакис вели дека посетата на локацијата по железничката несреќа каде се случи трагедијата била тешка одлука, но додаде дека не смета оти треба да поднесе оставка од функцијата.

„Целам да победам на изборите повторно и верувам дека ќе успееме“, изјави Мицотакис во телевизиското интервју.

Податоците од анкетните истражувања на јавното мислење пред одржувањето на парламентарните избори покажуваат дека се топи предноста на Нова Демократија пред левичарската партија СИРИЗА, иако партијата на Мицотакис и понатаму има благо водство на анкетите.