Македонија Мицкоски учествуваше на состанокот на шефови на Влади на земјите од Западен...

Мицкоски учествуваше на состанокот на шефови на Влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес

Дополнително, Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани учествуваше Форумот за млади на земјите од Западен Балкан, како дел од настаните организирани во рамки на Берлинскиот процес

Фото: Фејсбук страницата на Христијан Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, учествуваше на состанокот на шефови на Влади на земјите од Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, кој започна вчера и ќе заврши денес.

„Учествував во првата сесија од Берлинскиот процес, посветен на регионалната соработка и заедничкиот регионален пазар, што е форма за поблиска соработка и операционализирање на стратегијата за економски развој на државите од Балканот. Ние мора да го пронајдеме нашиот интерес во отворање на нови можности и пазари за нашите компании, нови форми на соработка и обезбедување на посигурна иднина“, вели Мицкоски, кој ќе биде дел од повеќе состаноци на Берлинскиот процес.

Дополнително, Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани учествуваше Форумот за млади на земјите од Западен Балкан, како дел од настаните организирани во рамки на Берлинскиот процес.

Лимани заедно со министрите на Владите од шесте земји од Западен Балкан, како и на Франција и Германија и претставници на Регионалните канцеларии за младинска соработка – RYCO, учествуваше на панел дискусијата „Европскиот проект низ призмата на младите“, како дел од конференцијата насловена: „Декада на влијание: Младите го зајакнуваат регионот во рамките на Европскиот проект“.

„Младите, претставуваат клучна демографска група во обликувањето на иднината на Европа. Вклучително и младите кои доаѓаат од земјите на Западен Балкан кои се со европски аспирации и географски припаѓаат на Европа. Токму овие прогресивни млади сили, нивните гласови, аспирации и предизвици мора да бидат поставени како приоритет во нашите политики,“ истакна Лимани.