Ваучери од 250 евра за набавка на електронски уреди за сите студенти во државата, најави премиерот Христијан Мицкоски во вечерашната отворена програма „100 дена Влада“ што се емитуваше на јавниот сервис МРТ1.
Одговарајќи на прашањето за иселувањето на младите, Мицкоски во програмата во која се говореше за сработеното на Владата во првите сто дена работење, рече дека Владата за студентите понудила проект за електронски уреди, но и до 30.000 евра за отворање стартапи за млади.
За ваучерите најави дека ќе им следуваат на сите студенти на државните и приватните универзитети.
„Понудивме два проекта кои цениме дека можат да значат додадена вредност и да бидат некаква провокација. Првиот е ваучер од 250 евра за набавка на електронски уреди, средства кои ќе бидат предвидени во буџетот за сите студенти, на сите универзитети. Тоа се отприлика нешто повеќе од 50.000“, кажа Мицкоски.
Според него, иселувањето на младите е акутен проблем и за нив е потребно да се направи многу повеќе од она што им било понудено досега.
Премиерот најави фонд од десет милиони евра со кој ќе се стимулираат стартап бизниси на млади луѓе што имаат идеја. Вредноста на стимулациите, според Мицкоски, ќе изнесува од 1.000 до 30.000 евра.