Може ли Орбан да се опише со синонимот за „спојлер“, кога откривањето на важен развој на заплетот во некоj филм или книга може да го намали изненадувањето или неизвесноста за гледачот или читателот што првпат го гледа? Односно, дали Орбан спаѓа во веќе видена категорија на „меки диктатори“ и просветители-апсолутисти? Во секој случај, Орбан за неговото 14 годишно владеење со Унгарија веќе го доби прекарот „Виктатор“. Иако е само челник на средноевропска држава со 10 милиони жители, сепак е невозможно да се игнорира, се вели во најновата анализа на „Вистиномер“.
Текстот го пренесуваме интегрално:
Кога угледниот портал „Политико“ ја објави едицијата со годишното рангирање на највлијателни политички личности во Европа за 2024 година, не беше изненадување што унгарскиот премиер Виктор Орбан се најде на трето место во групата сочинети од попречувачи (disrupters), веднаш зад „Путиновата банкарка“ Елвира Набулина и каталонскиот сепаратист Карлес Пуџдемон. „Политико“ ги категоризира европските моќници во три групи – исполнители, попречувачи и мечтатели (doers, disrupters и dreamers). Како дел од групата на политичари кои активно попречуваат активност или процес, предизвикувајќи нарушување или проблем, Орбан ја доби описната оценка „спојлер“ (spoiler), расипувач.
Но, може ли Орбан да се опише со синонимот за „спојлер“, кога откривањето на важен развој на заплетот во некоj филм или книга може да го намали изненадувањето или неизвесноста за гледачот или читателот што првпат го гледа? Односно, дали Орбан спаѓа во веќе видена категорија на „меки диктатори“ и просветители-апсолутисти? Во секој случај, Орбан за неговото 14 годишно владеење со Унгарија веќе го доби прекарот „Виктатор“.
Од почетокот на неговиот втор мандат како унгарски лидер во 2010 година, Виктор Орбан го укина владеењето на правото и медиумските слободи дома, се судри со институциите на ЕУ, го држеше Брисел како заложник, ставајќи вето на политиките во обид да извлече готовина и разви нешто налик на „броманса“ со рускиот претседател Владимир Путин. Со европските парламентарни избори зад аголот, заканата за издигнување на екстремната десница во Унијата и војната на прагот на Брисел, силниот човек на Унгарија е на пат да продолжи да дејствува како расипувач на ЕУ, оцени „Политико“.
Исцртувајќи го портретот на Орбан во пресрет на преземањето на ротирачкото претседателсто со ЕУ во јули годинава, „Политико“ ја навести неговата можна стратегија, откако го изгуби идеолошкиот сојузник во Полска во ликот и делото на националистичката партија Право и Правда, со која долго време ја избегнуваа најстрогата казна на Европската комисија, заканувајќи се со вето на интерните казни според Член 7, кој ги суспендира гласачките права на владите во ЕУ кога има прекршување на основните вредности на Унијата. (Иако правата може да бидат суспендирани, не постои механизам за исфрлање на држава од Унијата.)
Иако Орбан е само челник на средноевропска држава со 10 милиони жители и сиромашни природни ресурси, сепак е невозможно да се игнорира.
Сакајте го или мразете го – а повеќето луѓе го прават едното или другото – мора да му обрнете внимание. Рамнодушноста не е опција, пишува „Политико“ во текстот насловен „Конзервативниот субверзивец“.
Зошто е тоа така?
Од либерал до „путинист“ и „ердоганист“
Најмладиот премиер (со 35 години во 2010) на земја-членка на ЕУ, Орбан според оценката на „Би-Би-Си“ ја трансформираше Унгарија во она што Европскиот парламент го осуди како „хибриден режим на изборна автократија“, а самиот тој ја опишува како мешавина од „нелибералната демократија“ и „христијанската слобода“. Во постојан судир со останатите земји-членки на Унијата околу мигрантското прашање и војната во Украина, Орбан го турна неговиот идеолошки „бренд“ составен од идеите на француската крајна десница (Национален фронт), шпанската левица (Подемос), новите конзервативни лидери на Полска, италијанскиот социјалистички премиер Матео Ренци, ториевците во Британија и Доналд Трамп во САД.
Орбанизмот наликува на другите „изми“ кои се вкорениле на рабовите на Европа – во Русија (путинизам) и Турција (ердоганизам). Неговата разновидност е, сигурно, разводнета: не отворено авторитарна, во голема мера во согласност со нормите на ЕУ. Сепак, неговата влада ги кутна невладините организации, независните медиуми и судството на начини на кои Путин и Ердоган би им се восхитувале. Слично како и овие двајца, конфронтацискиот стил на Орбан со противниците, домашни и странски, ја зацврсти неговата популарност дома, пишува „Политико“.
Орбан вели дека неговиот народ повеќе ја претпочита стабилноста и силното лидерство отколку либерализмот, декадентната алтернатива што по падот на Берлинскиот ѕид се претвори, како што кажува тој во едно интервју за „Политико“, во тиранија на „политичка коректност“ и „мејнстрим политика“.
Орбан смета дека либералната демократија веќе не е глобално конкурентна, посочувајќи ги Сингапур, Русија, Турција, Индија и Кина како успешни политички системи кои не се западни и либерални.
Мораме да ги напуштиме либералните методи и принципи на организирање општество, како и либералниот начин на гледање на светот, вели Орбан.
Таков систем секогаш има потреба од непријатели, најчесто имагинарни. Изборот на Џорџ Сорос како непријател на „новите вредности“ во Унгарија, сепак не бил на Орбан.
Со својот самопрогласен нелиберализам, Орбан, како Путин со нападите на истрошениот либерализам, им постави замка на своите критичари.Наместо да се занимаваат со систематското партиско киднапирање на државата и економијата и формирање на автократија наклонета кон олигархија по руски модел – критичарите на Орбан се вовлечени (или воинствено навлегуваат) на неговото омилено бојно поле: културата и моралот.Орбан и неговите сојузници тврдат дека либералите кои ја слават различноста и толеранцијата се всушност зилоти решени да го уништат традиционалниот начин на живот. Тие многу добро знаат дека овие либерални нихилисти (терминот на Орбан) немаат никакво влијание врз одлуките на земјите – членки на ЕУ во однос на абортусот или имиграцијата, но како и многу екстремно десничарски популисти тие вешто создаваат впечаток на заедница заснована на имагинарно колективно страдање. Оние кои наводно и посакуваат штета на Унгарија се менуваат со текот на времето: една година тоа се мигрантите, потоа Џорџ Сорос, па Брисел. Единствена константа е смртната опасност што и се заканува на нацијата, пишува Јан-Вернер Милер во „Гардијан“.
Антисемитизмот никогаш нема да умре
Политичките консултанти Џорџ Бирнбаум и Артур Финкелштајн од САД на Орбан му дале идеја да го таргетира Џорџ Сорос како непријател. Сорос бил добра цел за демонизација според Бирнбаум, бидејќи на доволно луѓе во Унгарија не им се допаѓала идејата на овој милијардер да ги контролира политиките и процесите, сместен зад завесата. Секако, таа демонизација не е само локална, напротив.
По замислата на Бирнбаум и Финкелштајн – иако и двајцата со еврејско потекло, го бираат унгарскиот Евреин Сорос како мета, бидејќи сметаат дека антисемитизмот никогаш нема да умре, па што да не се искористи! – Орбан ги обвини граѓанските групи на Џорџ Сорос дека „тајно и со странски пари се обидуваат да влијаат на унгарската политика“, а Централноевропскиот универзитет, основан од Сорос во 1991 година кога Унгарија ја вовела демократијата, беше принуден да го премести најголемиот дел од својата активност во Виена во 2019 година. Инаку, и Орбан како млад бил стипендист на Соросовата фондација „Отворено општество“, а како борец против антисемитизмот, на едната ќерка ѝ дал „еврејско“ име Рахел. Аналитичарите сметаат дека таа денес е меѓу најмоќните жени во Унгарија: таа и нејзиниот маж постојано го збогатуваат семејното бизнис портфолио со купување лозја, винарии, недвижности и аквизиции во туризмот, не само во Унгарија, туку и во регионот.
Љубителот на вестерн филмовите, бидејќи тие не се комплицирани („Беше еднаш на Дивиот Запад“ на Серџо Леоне му е фаворит), со Роналд Реган и Хелмут Кол како негови политички идоли, смета и дека е невозможно некој да не биде Унгарец. Кога пред две години Орбан на Инстаграм објави фотографија на која носи црвено-бело-зелен шал со карта на „Голема Унгарија“ (границите на Унгарија од Австро-Угарското царство од 1919 година), која содржи делови од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина , Австрија, Словачка, Романија и Украина, тоа предизвика лавина реакции. Таа „Голема Унгарија ја нарекуваат и „Светистефанска Унгарија“, по првиот унгарски крал на почетокот на 11 век Стефан, кој подоцна бил прогласен за светец. Две години преходно Орбан се сликал со картата на таа „Голема Унгарија“ на седница на претседателството на неговата партија Фидес, а на откривањето на споменикот „Унгарската калварија“ по повод стогодишнината од потпишувањето на Трианонскиот договор, на една од спомен-плочите стоел натписот „Fiume – tengerre Magyar“ („Риека – Унгарско море“).
Анализирајќи ги „малите“ империјализми во регионот, економистот Бранко Милановиќ посочува два проблеми со источноевропските интелектуални елити.
Тоа се национализмот и парохијализмот… Источноевропските национализми секогаш се дефинираат себеси како „еманципаторски“ и „либерални“ кога се соочуваат со посилна сила, додека штом се на власт тие се однесуваат империјално кон оние кои се послаби или побројни, репродуцирајќи ги истите особини што ги оспоруваа кај другите.
Сега некако е помалку чудно како Орбан стана главната „маша“ на Русија и Кина во Европа?
„Тројанскиот коњ“ на Русија и Кина во Европа
Ако нешто не може да му се одрече на Орбан, тогаш тоа е – упорноста. Пред една деценија регионот му стана мал за политички „натпревар“, па на бранот на мигрантската криза во 2015 година Орбан започна кампања да биде фактор на европскиот континент.
Тврдиот пристап кон миграцијата е еден од столбовите на неговата идеологија, која Орбан сака да ја нарекува „христијанска демократија“. Таа идеологија се фокусира на традиционалните сфаќања за семејството и национализмот; исто така е експлицитно ставена во опозиција на либерализмот кој наводно промовира неограничена слобода и егоизам. Орбан со задоволство ги користи овие принципи кога ги ограничува правата, додека тврди дека тоа е всушност она што го сака народот: неговата партија, Фидес, освои двотретинско мнозинство во унгарскиот парламент на четири последователни избори (иако со различни манипулации), анализира Јан-Вернер Милер во „Њујорк ривју“.
Кога, пак, големиот мигрантски бран помина, Орбан се сврте кон нови „алатки“ за манипулација откако ја потроши „христијанската демократија“, иако неговата партија Фидес помина под неговите очекувања на евроизборите годинава. Претседателството со ЕУ од јули годинава, со отворено трамповско мото „Make Europe Great Again“ („Да ја напривиме Европа повторно голема“) требаше да биде своевидна круна на неговата кампања.
Упорен, тој зазеде нов курс, ребрендирајќи се во меѓународен миротворец и ветувајќи дека ќе стави крај на војната во Украина. Кога го презеде претседателствувањето, отиде во ненадејни посети на Киев, Москва и Пекинг, а на Флорида се сретна со Доналд Трамп. Другите европски лидери беа ужаснати од ова неовластено прикажување на соло дипломатија, а особено од неговата снисходлива средба со Путин. Тие брзо појаснија дека одметнатиот политичар во наводната „мировна мисија“ не дејствувал во име на ЕУ, анализира Милер.
Иако еден од најнепопуларните политичари во Европа, Орбан не се предава лесно. Паралелно со постојаните блокади на европската економска и воена помош за Украина и другите важни геополитички потези на Унијата, кои му служат за ценкање околу деблокирањето на парите кои му се замрзнати во ЕУ фондовите заради непочитување на правилата, Орбан летово повторно се заканува да ја направи ЕУ безбедносно порозна со програмата за издавање „златни визи“ која не ги исклучува граѓаните на Руската Федерација и Белорусија. Дефетизмот кој го шири со неговите панегирици за „хипер рационалното“ руско раководство и убеденоста дека Украина никогаш нема да може да стане членка на ЕУ и на НАТО, го дополнува со предвидувањето дека глобалната моќ ќе биде поместена од „ирационалниот“ Запад кон Азија (пред сè Кина) и Русија, а НАТО е осудено на самоубиство.
„Најголемиот“ пријател на С. Македонија
Практикувајќи „сводништво“ за кинеските инвестиции во земјите од Западен Балкан, политиката на Орбан всушност ги кочи нивните евроинтеграции, овозможувајќи продор на кинеската „мека моќ“ во големи количества. На таа геополитичка рута е и С. Македонија.
Идиличната „броманса“ со континуитет од деценија и пол – bromance, англ., цврста пријателска врска меѓу луѓе кои работат на ист потфат – меѓу Орбан и владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше потврдена и при неодамнешната посета на унгарскиот премиер на земјава, на 27.09.2024 година. Орбан меѓу најавите за финализирање на коридорот 10 и реализација на брза пруга Атина-Скопје-Белград-Будимпешта откри и дека ова му била 18 средба со Мицкоски, а неговата партија Фидес и ВМРО-ДПМНЕ се братски партии и добро е две братски партии да бидат на власт и да соработуваат. Оваа „броманса“ сега лежи и на заем од 500 милиони евра од Унгарија за С. Македонија, со најава за уште толку пари во наредниот париод ако и бидат потребни на земјава.
Ние треба да му дадеме орден на Виктор Орбан. Да го прогласиме за херој затоа што ни помага. До ова специјална економска соработка дојде и поради моето лично пријателство со Орбан и за тоа се разговараше и во времето кога бевме во опозиција и се правеа планови како би работеле доколку дојдеме на власт, рече Мицкоски во интервју за „Телма“ најавувајќи ја посетата на Орбан.
Тој орден би бил уште едно парче од одличјата околу вратот на Орбан што му ги наредија неговите политички истомисленици од Балканот, како Србија на Вучиќ пред две години Република Српска на Милорад Додик годинава. Меѓутоа, Мицкоски доцни цели 9 години: како да е подзаборавено дека поранешниот претседател Ѓорге Иванов веќе го одликуваше Орбан во 2013 година во знак на благодарност на Унгарија за нејзиниот пријателски однос, за силната поддршка во исполнување на стратешки цели на државата и за принципиелниот однос кон уставното име.
Оваа одлука на претседателот Иванов е чин на изразување благодарност до унгарската држава, унгарскиот народ и до сите претходни унгарски лидери, соопштија тогаш од Кабинетот на Иванов.
Една година подоцна, Македонија, Србија, Унгарија и НР Кина – во рамки на Третиот состанок на шефовите на влади на Кина и на земјите од Централна и Источна Европа – потпишаа договор за заемна царинска соработка. Договорот предвидува царините на сите четири земји да соработуваат во делот на размена на информации и документи, да се признава царинењето и постапката од другите царини како и да ја продлабочи соработката. Тогашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески оцени дека станува збор за крупен и значаен проект за регионот, кој има добар потенцијал да го помогне економскиот развој на нашата држава и на сите земји во регионот.
Од друга страна, пак, Унгарија е во улога на параван на Кина во давањето заем од 500 милиони евра за Северна Македонија. Тоа, како што пренесе порталот „360 степени“, го тврди Саболч Пањи, главниот истражувачки новинар и уредник на истражувачкиот портал „Ви-сквер“ (VSquare) со седиште во Будимпешта, во чиј фокус се, меѓу другото, руското и кинеското влијание.
Како и да е, мора да му обрнувате внимание на Орбан, бидејќи рамнодушноста кон „конзервативниот субверзивец“ не е опција…
Пишува: Стојан Синадинов