Визуелизации Мета факт: Не е прв пат во последните 7 години просечната плата...

Мета факт: Не е прв пат во последните 7 години просечната плата да има пад на месечно ниво

Вториот дел од изјавата на Тренчевска каде таа вели дека ваквиот пад е забележан „за прв пат после седум години постојан раст“ е невистина

Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика изјави дека просечната плата на месечно ниво бележи пад за прв пат во последните седум години

Поранешната министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска и сегашна пратеничка на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија во изјава за медиумите посочи оти „за прв пат после седум години постојан раст, сведоци сме на пад на просечната плата кај нас – намалена е за 1.000 денари.

„Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна плата по вработен, во јули годинава изнесувала 40.961 денар. Или за 1.000 денари помалку од платата во месец јуни кога изнесуваше 41.939 денари“, рече Тренчевска.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат оти е точно дека на месечно ниво, од јуни до јули 2024 година просечната исплатена нето-плата бележи пад од 2,7 проецентни поени или околу 1.000 денари.

Но, вториот дел од изјавата на Тренчевска каде таа вели дека ваквиот пад е забележан „за прв пат после седум години постојан раст“ е невистина.

Според податоците во МАКСтат базата на Државниот завод за статистика, во претходните седум години на повеќе наврати просечната нето-плата бележи пад на месечно ниво. Така, на пример од декември 2018 г. до јануари 2019 г. забележан е пад од над 1.000 денари. Слично на тоа, од јануари до април 2020 година просечната нето-плата бележи пад од скоро 2.000 денари. Уште еден помал пад има од декември 2022 до февруари 2023 година, од октомври до ноември 2023 година и од декември 2023 до јануари 2024 година.

Останува фактот дека сепак, од јануари 2018 година до јуни 2024 година просечната нето-плата бележи пораст од речиси 75 отсто, или од 24.000 на 42.000 денари. Сепак, тоа не значи дека на годишно ниво, и во 2024 година просечната плата ќе расте.

Оттука, изјавата дека просечната плата бележи пад од 1.000 денари за прв пат после седум години постојан раст ја оценуваме како делумно точна.

Извори:

Изјава на Јована Тренчевска, пратеничка на СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика (Проверено на 22.09.2024 г.)

Соопштение на Државниот завод за статистика од 20.09.2024 г. (Проверено на 22.09.2024 г.)

Статистички податоци за исплатена просечна нето-плата на ДЗС од МАКСтат базата. (Проверено на 22.09.2024 г.)