Економија Македонска бизнис-делегација на Економскo-трговски форум во Кина

Македонска бизнис-делегација на Економскo-трговски форум во Кина

Делегација на бизнисмени, предводени од претседателката на Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК), Данела Арсовска, учествуваат на 5. Економскo-трговски форум на Кина и на земјите од Централна и од Источна Европа (ЦИЕ), кој се одржува во Суџоу, Кина.

Повеќе од 1.000 претставници на компании од Кина и од 16 земји од ЦИЕ, премиери, државни владини претставници, делегации на највисоко ниво, претставници на агенции за унапредување на трговијата и на деловниот сектор ќе учествуваат на форумот, чија цел е унапредување на соработката на Кина и на земјите од ЦИЕ.

Македонските компании ќе ги претстават своите дејности и ќе учествуваат во трите панел-дискусии во рамки на форумот.

Според обемот на трговска размена, Кина е меѓу првите десет трговски партнери на Македонија. Во првите девет месеци од 2015 година, вкупниот извоз на македонските производи на кинескиот пазар изнесува 124 милиони долари, што е за 2,5 пати повеќе во однос на истиот период минатата година, а увозот на кинески производи на нашиот пазар изнесува 273 милиони долари.

Според Државниот завод за статистика на Македонија, најпродавани македонски производи во Кина се виното, мермерот и преработките од месо.