Главна секција Македонија не доби датум за почеток на преговорите, ќе чека до октомври

Македонија не доби датум за почеток на преговорите, ќе чека до октомври

Државите-членки на ЕУ вчера не ја прифатија препораката на Европската комисија да се одреди датум за старт на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија. Според еврокомесарот Јоханес Хан, мал број на земји биле против.

Во нацрт-заклучокот за министерскиот состанок за општи работи на Унијата во Луксембург, што претходно беше пренесен во медиумите, стои дека земјите-членки на ЕУ ќе го разгледаат прашањето за почнување на преговорите со Северна Македонија и Албанија најдоцна до октомври годинава.

По завршувањето на состанокот, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на прес-конференција кажа дека мал број на членки биле против и предупреди дека колективниот кредибилитет на Унијата е во прашање.

– За жал, малцинство на земји-членки не беа во можност да го поддржат јасниот предлог на Европската комисија да се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија. ЕК цврсто верува дека ЕУ треба да ги награди тие кои ги исполниле барањата поставени од самиот Совет минатата година, нашиот колективен кредибилитет е во прашање, во прашање еднакво се и нашето влијание и поттик – изјави Хан, изразувајќи и надеж дека во октомври Северна Македонија и Албанија ќе добијат „зелено светло“.

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, во интервју за МИА ја оцени одлуката како срамна.

-За жал нема да има одлука за отворање пристапни преговори. Одлуката е да се вратиме на ова прашање на есен. Што е срамно. Требаше да донесеме одлука за старт на преговори веднаш. Сѐ ни беше на располагање, нема причина, нема никаква пречка на патот. Единствената пречка е недостатокот на политичка волја. Некои земји се повикуваат на ограничено време, што е смешно. Македонија е кандидат четиринаесет години, Албанија пет. Мислам дека одлуката да не започнат преговорите веднаш е штетна од перспективата на ЕУ, на Балканот и посебно на централна Европа, затоа што ние сме соседен регион и знаеме колку е важно да продолжи процесот на проширување – вели Сијарто.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е поранешен министер за надворешни работи, пак на „Твитер“ напиша дека седум членки биле против датум за преговори со Македонија и Албанија: Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија.

„Дванаесет членки биле за преговори: Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Италија, Словенија, Хрватска, Белгија, Романија Естонија, Латвија, Литванија, а Грција и другите биле воздржани“, напиша Милошоски.