Македонија Лога: Сајбер заканите стануваат почести, пософистицирани и предизвикуваат сè поштетни последици

Лога: Сајбер заканите стануваат почести, пософистицирани и предизвикуваат сè поштетни последици

Министерот за правда Кренар Лога присуствува на Самитот за сајбер криминал на Југоисточна Европа кој се одржува во Шибеник

Фото: Министерство за правда

Министерот за правда Кренар Лога присуствува на Самитот за сајбер криминал на Југоисточна Европа кој се одржува во Шибеник, а говорејќи на панелот на тема „Сајбер криминал – безбедносна закана во Југоисточна Европа и важноста на соработката”, тој порача дека е неопходно секоја држава да обезбеди сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално окружување.

Лога рече дека сајбер заканите и нападите стануваат почести, пософистицирани и предизвикуваат сè поголеми штетни последици.

„Сајбер безбедноста може да се оствари само ако се располага со ефективни и ефикасни капацитети за сајбер безбедност, но и ако се работи на превенција. Искуството е најдобра пракса. Образованието на експертите и размената на искуствата се важен чекор во сузбивањето на компјутерскиот криминал. Живееме во време на енормно зголемување на бројот на интернет и ИКТ корисници, поголем број достапни и ефективни електронски услуги и апликации чиј што број е правопропорционален со нови сајбер ризици и напади. Голем е бројот на случаи каде што тој тешко се открива, уште потешко се обезбедуваат докази, а во некои случаи е невозможно ефикасно да се спроведе кривичната постапка и сторителите да се изведат пред лицето на правдата и соодветно да бидат санкционирани”, рече Лога.

Како примери тој ги посочи анонимните портали креирани во Велес поврзани со претседателските избори во САД како и лажните пријави за бомби во училиштата во неколку градови кои доаѓаа од анонимни пријавувачи, а беа оценети како дел од хибридна закана и сајбер криминал.

Во однос на активностите кои ги презема Владата, Лога информираше дека Република Северна Македонија стана 103-та членка на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (Global Forum on Cyber Expertise), една од најголемите светски мрежи за интернационална соработка и градење на капацитети за сајбер-безбедност.

Во 2018 година донесена е Национална стратегија за сајбер безбедност 2018-2022 година, а подготвена е и нова Страегија за сајбер безбедност за периодот од 2023-2026 година. Формиран е Национален совет за дигитална трансформација на општеството, чија основна цел е планирање, координирање и реализација на активностите потребни за дигитализација на процесите како и ефикасно справување со предизвиците што таа ги носи.

Самитот го организира Министерството за правда и јавна администрација на Република Хрватска и Министерството за правда на САД, а учествуваат високи претставници на земјите од Југоисточна Европа и САД.