Свет Европа Лавров: Руски авиони носат опрема и помош за Сирија

Лавров: Руски авиони носат опрема и помош за Сирија

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека руски авиони кои летаат во Сирија, на земјата ѝ испорачуваат воена опрема и хуманитарна помош, не коментирајќи ја загриженоста на САД и на НАТО дека руските сили почнале да учествуваат во операциите во Сирија.

Русија го поддржуваше претседателот на Сирија, Башар ал Асад, во текот на четиригодишната граѓанска војна во таа земја, обезбедувајќи му оружје и воени стручни лица кои ја обучувале сириската војска.

Лавров денеска повтори дека Русија има воени експрети во Сирија кои помагаат во обучување на сириската војска да управува со испорачаната техника, но не ги коментираше наводите на медиумите дека руски трупи учествуваат во борбите во Сирија.

На новинарско прашање во Москва за руските авиони кои слетале на аеродром во близина на најголемото сириско пристаниште Латакија, Лавров рекол дека тие носеле „воена опрема во склад со меѓународното право, како и хуманитарна опрема“.