Македонија Курц: Позитивно ќе биде да излезете на референдумот и да гласате за...

Курц: Позитивно ќе биде да излезете на референдумот и да гласате за перспектива

Австрија е пријател на Македонија и на целиот регион и би сакале да живееме и во заедничка иднина. Како претседавач со Европската Унија, можам да кажам дека ЕУ ќе биде комплетна кога во неа ќе биде интегриран и Западен Балкан. За Македонија решението за спорот за името ќе донесе динамика. Најпрво сакам срдечно да го поздравам тоа што е постигнат компромис на ова поле, и би сакал да ги поканам граѓаните на Македонија да учествуваат на референдумот и да се изјаснат за решавање на спорот со името и за европската перспектива на земјата.

Со таква порака до македонските граѓани се обрати канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, од заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Владата. Курц стаса утрово во Скопје, по што имаше средба со Заев, а потоа ја одржаа прес-конференцијата.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе се сретне и со македонската опозиција и истото ќе го побара од нив.

– Истата порака ќе ја упатам до опозицијата. Независно со кого разговарам, мојот став е секогаш ист – рече Курц.

Заев повтори оти верува во успешноста на референдумот и дека посетата на високи државници деновиве на Македонија јасно кажува дека Македонија е добродојдена во ЕУ.

– Посетата на господинот Курц ни дава до знаење дека сме на вистинскиот европски пат. Светот го препозна отвореното чувство на оптимизам. Сигурен сум дека зад поканата за членство во Европската Унија стои и австриското претседателство со Унијата. На крајот дозволете ми да ја изразам благодарноста што Австрија ја вбројуваме во најзначајните економски партнери – рече Заев.