Македонија Кривична пријава од Левица за Заев „затоа што прифатил промена на уставното...

Кривична пријава од Левица за Заев „затоа што прифатил промена на уставното име“

Во Основно јавно обвинителство Скопје денеска партијата Левица поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев, кого го обвинува за нарушување на уставниот поредок на државата „затоа што прифатил промена на уставното име“.

Како што рече Димитар Апасиев, со изјавите во четвртокот, 17 мај, со кои прифаќа решение ерга омнес со Грција, Заев како премиер ги загрозил преговарачките позиции на Македонија и ја довел државата во зависна положба од друга држава.

– Со јавното ветување на Заев пред грчкиот премиер Ципрас, за прифаќање промена на уставното име за севкупна употреба – „ ерга омнес“ и ветувањето дека тој ќе се заложи да се промени името на државата за внатрешна и надворешна употреба, Заев го загрози уставниот поредок на Македонија – рече Апасиев.

Левица размислува да ја прошири кривичната пријава и со министерот за надворешни работи Никола Димитров, за кого велат дека со јавното признавање дека стои зад предлогот на Заев, станува соучесник.