Дописници Кредитот од 2,5 милиони евра повлечен од буџетот на Oпштина Битола

Кредитот од 2,5 милиони евра повлечен од буџетот на Oпштина Битола

Советот на Општина Битола денеска расправа за ребалансот на буџетот за 2015 година, а во него ги нема парите од кредитот тежок 2,5 милиони евра, задолжување кое Oпштината го направи за изградба на инфраструктура во поранешната касарна. Повлекувањето на парите од кредитот ја изненади битолската опозицијата, дотолку повеќе што задолжувањето од самиот почеток крена многу прав во Битола.

Александар Каспов, советник на Либерално-демократската партија (ЛДП), јавно праша дали кредитот се повлекува од буџетот поради покренатата истрага од Обвинителството во Битола за постоење основано сомневање за ненаменско и незаконско трошење на парите од локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ, Соња Карапашовска, пак, тврди дека повлекувањето на кредитот од буџетот нема врска со предметот на Обвинителството. Според неа, кредитот е повлечен бидејќи е распишан меѓународен тендер. Додека не заврши тендерот, не може да се извршуваат активности предвидени со кредитот.

– Тендерот ќе трае 60 дена, а до крајот на годината ни остануваат 90 дена, значи и да се сработат градежни активности, исплатата нема да стигне до Нова година. Затоа кредитот е повлечен со ребалансот – вели Карапашовска.

Во март годинава, Советот на Општина Битола донесе одлука за задолжување на Општината, а неколку месеци подоцна Основното јавно обвинителство од Битола го стави под лупа севкупното работење со средствата на Општината.

Како што информираа од Обвинителството за „Мета“ во август годинава, по комплетирањето на доказниот материјал, се чека Обвинителството да донесе мериторна јавно-обвинителска одлука.

А.Б.