Свет Балкан Коѕиас планира балканска конференција за бегалската криза во април

Коѕиас планира балканска конференција за бегалската криза во април

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас денеска најави дека планира да ги свика Македонија, Албанија и Бугарија на крајот на април на состанок за справување со бегалската криза. Коѕиас ова го најави на денешната средба со неговиот босански колега Игор Црнадак.

– На крајот на април во Солун подготвуваме конференција со соседните држави Албанија, БЈРМ и Бугарија за да поразговараме за бегалското прашање. Оваа меѓународна средба ќе биде еден вид подготовка за една поширока конференција за регионот, на која ќе биде поканета и Босна и Херцеговина- истакна Коѕиас.

Од грчкото Министерство за надворешни работи не соопштуваат дополнителни детали околу средбата, а нема информација дали веќе е исконтактирано македонското министерство за надворешни работи. Според информациите, средбата се уште е во почетна фаза, односно се планира и поради тоа не се оди во подлабоки детали.

Министерот Коѕиас изминатиот месец беше невообичаено тивок околу бегалското прашање.

Весникот „То Вима“ неделава објави дека членови од премиерскиот кабинет се вознемирени од неговото однесување бидејќи очекувале поголема ажурност и активност околу ова прашање од негова страна.

Весникот исто така пренесе дека Коѕиас поради незадоволство од затворањето на македонската граница за бегалците ги има заладено односите, дипломатските активности и комуникацијата со македонската страна.

Според „То Вима“, Коѕиас ја одбил и идејата во Атина да бидат примени советници на претседателот Ѓорге Иванов, која веќе ја дискутирале и одобриле Иванов и грчкиот премиер Алексис Ципрас, а потоа во последен момент ја откажал третата рунда разговори околу договорот за спроведување на мерки за градење доверба.