Македонија Ковачевски во ОН: Зимава приоритет ни се топли училници и топли домови...

Ковачевски во ОН: Зимава приоритет ни се топли училници и топли домови за нашите ученици

Фото: Кабинет на претседател на Влада на РСМ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски учествуваше и говореше на Самитот за трансформација на образованието во рамки на 77. Генерално Собрание на ООН во Њујорк. На дебатата на Самитот кој го отвори генералниот секретар Антонио Гутереш и учествуваа над 90 шефови на држави и премиери, се дебатираше за националните цели на земјите за унапредување на образованието. Ковачевски кажа дека енергетската криза со која се соочуваат Северна Македонија, Европа и светот претставува сериозна закана за образовниот процес.

„За да се постигнат долгорочните цели мора прво да се осигураме дека ќе имаме доволно ресурси за да се обезбедат основни услови за живот и работа, како што се топли и добро осветлени училници и топли и добро осветлени домови за нашите ученици да имаат непречено квалитетно образование зимава. Ова е приоритет број еден денес, утре и во претстојните долги зимски месеци“, кажа Ковачевски.

Тој потенцира дека кога и да зборува за важноста на образованието, се потсетувам на констатацијата дека „Образованието е она што останува, откако ќе се заборави наученото во училиште“.

„Би рекол дека денес ова е мошне важно, особено затоа што генералниот секретар Гутереш постојано потенцираше дека исходот од доброто образование во 21-от век значи: учење за да се научи, учење да се живее заедно, учење да се прави, учење да се биде. Јас се согласувам со ова и ги поддржувам таквите резултати од образованието“, рече Ковачевски.

Решението на проблемите во образованието, според него, може да се најде само во взаемна меѓународна и меѓу регионална соработка.

„Но најмногу од сé, може да се најде во солидарноста. Ако сакаме нашите ученици да пораснат со добро образование, мора прво да им покажеме како ние возрасните можеме заедно да ги решиме проблемите. Во спротивно, ниту еден образовен модел или развојна стратегија нема да направи никаква разлика, ниту нешто ќе им значи“, рече Ковачевски.