Македонија Ковачевски: По примерот на Конески, се грижиме за македонскиот јазик низ дела

Ковачевски: По примерот на Конески, се грижиме за македонскиот јазик низ дела

Фото: Влада на РСМ

Наследството на Конески е темел на македонскиот јазик, а со тоа и темел во македонскиот идентитет и во македонската национална култура – но и со безвременско значење, поради поставеноста на Конески кон иднината, како приврзаник на сфаќањето дека јазикот е жива материја, порача премиерот Димитар Ковачевски во неговото обраќање на настанот „Отворени денови на Институтот за македонски јазик“.

Денешниот настан на Институтот за македонски јазик е посветен на чествување на јубилеите: 70 години од граматиките на Хорас Лант и на Блаже Конески и 100 години од раѓањето на Тодор Димитровски.

„Затоа Конески е патоказот и денес. И затоа е доволно е да се препрочита Конески, за да се биде спокоен и сигурен дека сме на вистинскиот пат“, порача премиерот Ковачевски.

Тој потсети дека пораката на Конески дека „Од нас зависи дали јазичната средина ќе биде загрозена или не“ е обврска за секој што се смета продолжувач на традицијата на славниот филолог и книжевник.

Премиерот Ковачевски потсети дека македонскиот јазик е, покрај во ОН, официјализиран и во ЕУ.

„Само пред неколку дена, Советот на Европската Унија ја усвои одлуката за потпишување на Договорот за гранично управување меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, на чист македонски јазик. Нема какви било додавки, нема какви било ѕвездички – на чист македонски јазик! Нема повеќе ни поединечни внимателни формулации од типот „јазикот на Блаже Конески, Матеја Матевски“ и слично. Денес јасно и гласно, во официјални изјави, на сите европски лидери, на претставници на меѓународната заедница, прецизно се употребува терминот „македонски јазик“ којшто е рамноправно застапен, заедно со сите други европски јазици, во Европската Унија“, потсети македонскиот премиер.

Тој нагласи оти, според него, и самиот Конески би бил горд на постигнатото.

„Со државничките одлуки што ги носиме веќе 5-та година, потврдивме и осигуравме и европско и светско признание на македонскиот јазик и македонскиот идентитет! И јас сум убеден дека Конески денес би се чувствувал подеднакво горд во постигнувањето на заштитата на нашата јазична средина – на нашата татковина, како што тој би рекол“, оцени премиерот Ковачевски.