Македонија Ковачевски по НАТО-средбата: Ја издигнавме С. Македонија како фактор на стабилност во...

Ковачевски по НАТО-средбата: Ја издигнавме С. Македонија како фактор на стабилност во регионот

Наша домашна задача е да продолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање и во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО Алијансата, рече премиерот

фото: Влада на Република Северна Македонија

Инвеститорите од европските земји и САД во Северна Македонија и регионот препознаваат место каде можат да ги инвестираат своите пари и со тоа да обезбедат подобри работни места, подобри плати и крајно зголемување на животниот стандард на граѓаните. Ова е факт и тој е овозможен затоа што земјите од регионот, вклучително и С. Македонија, како членки на НАТО се гарант на безбедноста на овој дел од светот.

Ова го истакна премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата по завршувањето на средбата на лидерите на НАТО-членките од регионот. На неформалниот состанок присуствуваше Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг и премиерите на Албанија – Еди Рама, Црна Гора – Милојко Спајиќ и Хрватска – Зоран Милановиќ.

На состанокот, рече Ковачевски, се разговарало за предизвиците кои се поврзани со регионалната безбедност и со сајбер безбедноста како прашање од кое е засегнат целиот регион.

„Северна Македонија и земјите од регионот кои се покажаа како ценети сојузници од доверба заслужуваат да бидат дел од ЕУ, и со тоа ќе го искористат и ќе го искористиме целосно својот потенцијал за економски напредок. Тоа ќе значи зголемување на животниот стандард на своите граѓани, унапредување на демократијата и унапредување на владеењето на правото. Тоа е тоа што нашите граѓани го заслужуваат и што сите овде присутни лидери сме сложни заедно да го направиме“, изјави Ковачевски по средбата.

фото: Влада на Република Северна Македонија

Северна Македонија одамна е пример за соживот, за мирно решавање на спорови преку дијалог, за реформирање и практикување демократија и инклузивност во носењето на одлуките. Токму затоа, рече премиерот, продолжувањето на евроинтеграцијата на земјава е од исклучително големо значење.

„Наша домашна задача е да продолжиме да работиме забрзано и посветено до целосно интегрирање и во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО Алијансата. Членството во ЕУ е нашата цел и ние немаме друга алтернатива. Дали ќе бидеме таму набрзо, сега зависи само и единствено од нас и од одлуките кои ние треба да ги донесеме во нашето собрание“, истакна Ковачевски.

Тој рече дека како Македонец е горд што живее во мултиетничка и мултикултурна земја во која соживотот е секојдневие.

„И уште повеќе затоа што со нашата работа ја издигнавме Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот. Верувам дека зад ова стојат и сите лидери кои ги гледате денеска тука пред вас“, кажа Ковачевски.