Македонија Ковачевски очекува пратениците да ги поддржат измените за набавка на лекови директно...

Ковачевски очекува пратениците да ги поддржат измените за набавка на лекови директно од производител

Премиерот Димитар Ковачевски очекува горливиот проблем на пациентите со цистична фиброза стар 15 години, да има разрешница на 16 март за кога е закажана собраниска седница за законски измени поврзани со набавка на оваа терапија

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Димитар Ковачевски очекува горливиот проблем на пациентите со цистична фиброза стар 15 години, да има разрешница на 16 март за кога е закажана собраниска седница за законски измени поврзани со набавка на оваа терапија.

Инаку, лекот „Трикафта“ за најкритичните пациенти со цистична фиброза пред неколку дена пристигна на Клиниката за детски болести и Клиниката за пулмологија.

Ковачевски рече дека со оглед на тоа оти овој лек го произведува еден производител, бидејќи е патентиран лек, веќе предложиле законски измени и тие биле поднесени од негова страна до Собранието.

„Законските измени се поврзани со оваа терапија и тие се наоѓаат во Собранието и за нив е закажана седница на 16 март и сметам дека сите пратеници тоа ќе го поддржат. Нашите закони не дозволуваат директна набавка од производители што имаат патентиран лек, туку мора да се оди преку јавни набавки и трговци на лекови. Тоа дополнително ја зголемуваше цената на лековите. Затоа иницирав веднаш да се пристапи кон измени на законската регулатива и подготовка на законски решенија со кои ќе се овозможи во најбрз рок пациентите да ги добиваат лековите и да може директно да се преговара со производителот кој единствен го има лекот, со цел да се добие подобра цена“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој рече дека законските измени што ги предлага наликуваат на регулативи кои ги имаат голем број на држави, земји од регионот, и дека на тој начин се добива побрз и поевтин пристап до ваква иновативна терапија.

„Овие законски измени кои се наоѓаат пред пратениците ќе овозможат да се набавува не само лекот „Трикафта“ туку и други лекови кои се произведуваат од еден производител кој има патентиран лек. Интенцијата со законските измени е да се опфатат сите пациенти, согласно терапиите кои треба да ги примаат, по насока на лекарите од Клиниките каде се следат овие пациенти“, истакна премиерот Ковачевски.