Главна секција Кој за што, Дачиќ за името: Србија може да го смени ставот...

Кој за што, Дачиќ за името: Србија може да го смени ставот за признавањето на Македонија

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ порача дека Србија би можела да го промени ставот во врска со примената на уставното име на Македонија, доколку официјално Скопје го смени својот воздржан став и го поддржи влезот на Косово во УНЕСКО, пренесува српската државна телевизија, РТС.

– Доколку Македонија навистина гласа за приемот на Косово во УНЕСКО, иако е свесна колку тоа ја погодува Србија и српскиот народ, на претседателот (Александар) Вучиќ ќе му предложам Србија во однос на името под кое ја признавме Македонија, исто така, како и тие околу Косово во УНЕСКО, да ја има предвид позицијата на Европската Унија“, изјави Дачиќ.

Изјавата на Дачиќ следи по денешното соопштение на македонската Влада дека ќе го следи примерот на ЕУ при гласањето за влез на Косово во УНЕСКО.

Според Дачиќ, денешниот став на македонската влада е „директно спротивен на сите досегашни изјави на македонскиот премиер (Зоран) Заев дека Македонија ќе биде воздржана. Тој вели дека Заев, освен во јавните изјави, ставот за воздржаност и го пренел и на премиерката Ана Брнабиќ во Трст.

Промената на ставот, според Дачиќ, директно влијае на добрососедските односи со Македонија.

– Добрите односи се наша цел, но само на база на реципроцитет – рече Дачиќ.

Српското МНР вчера го повлече на консултации својот персонал од амбасадата во Скопје, поради, како што денеска соопштија Дачиќ и Вучиќ, „засилена офанзивна разузнавачка активност против Србија“.