Свет Свет Кина жестоко се противи на американскиот антиракетен штит во Јужна Кореја

Кина жестоко се противи на американскиот антиракетен штит во Јужна Кореја

Кинескиот претседател Си Џинпинг на својата колешка, претседателката на Јужна Кореја, Парк Геун Хје, ѝ соопштил дека Кина е против распоредувањето на американски противракетен штит во нејзината земја, јавуваат светските агенции.

Си Џинпинг, за време на билатералниот состанок, на маргините на Самитот на Г20, кој се одржува во Хангџоу, Кина, ја предупредил дека неадекватното третирање на ова прашање не е добро за мирот во регионот и може да го интензивира спорот меѓу двете земји.

Кина претходно остро реагираше на одлуката на Сеул за распоредување на антиракетниот систем ТХААД, во воена база на југот на Јужна Кореја.

Вашингтон и Сеул тврдат дека поставувањето на ракетниот штит е за заштита од заканите на Северна Кореја, додека Пекинг предупредува дека штитот ќе ѝ овозможи на војската на САД увид длабоко на североистокот на Кина.

Инаку, Северна Кореја денеска истрелала три балистички ракети во водите на својот североисточен брег, соопштија јужнокорејски официјални претставници, јавува „Би-би-си“.

Проектилите биле истрелани од регионот Хвангџу, соопштила денеска здружената команда на јужнокорејската армија, пренесува агенцијата „Јонхап“.

Засега нема информации за типот на ракетите и за нивниот дострел.