Свет Кери: Милитантите на ИД се психотични монструми

Кери: Милитантите на ИД се психотични монструми

Милитантите на Исламска држава (ИД) се психотични монструми, изјавил американскиот државен секретар, Џон Кери, кој денеска е во посета на Париз, на средба со францускиот претседател, Франсоа Оланд, јавуваат светските медиуми.

Посетата на Кери на Париз, како што пренесува „Би-Би-Си“, е за да се демонстрира поддршката што Вашингтон му ја дава на својот клучен сојузик по терористичките напади.

Претседателот Оланд вчера соопшти дека Франција е во војна, чија цел е уништување на ИД. Француските борбени авиони и ноќеска продолжиле со бомбардирање на позициите на Исламска држава, околу градот Рака, кој се смета за упориште на милитантната група, а во кои биле уништени командниот и тренинг-центарот на групата.

Во меѓувреме во Белгија продолжува интензивната потрага по Салах Абдеслам, кој е еден од главните осомничени за терористичките напади извршени во петокот, минатата недела во Париз. Се смета дека тој успеал да ја помине границата и да избега во неговата родна Белгија, а тамошната полиција сè уште трага по него.

Министерот за внатрешни работи на Франција, Бернард Казенeв, како што пренесува „Би-Би-Си“, за француската „Инфо ТВ“ изјавил дека ноќеска биле извршени 128 нови претреси. Вчера претпладне француските безбедносни сили извршија 160 рации, 23 лица беа уапсени и беше запленето извесно количество оружје.

Во меѓувреме, белгиската влада го подигна нивото на закана од терористички напади, поради неуспехот на безбедносните служби да го лоцираат Салах Абдеслам, заради што е откажан и денешниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Белгија и на Шпанија.