Свет Европа Референдумот за членството на Британија во ЕУ ќе се одржи на 23...

Референдумот за членството на Британија во ЕУ ќе се одржи на 23 јуни

Британскиот премиер денеска, по состанокот со неговиот владин кабинет, соопшти дека референдумот на кој ќе се одлучува за останување или излегување на Велика Британија од членството во Европската унија (ЕУ), ќе се одржи на 23 јуни оваа година, јавува „Би-Би-Си“.

Камерон, како што пренесува британскиот национален сервис, изјавил дека тој ќе води кампања за останување на Велика Британија во реформираната ЕУ и го опишал гласањето на референдумот како една од најголемите одлуки што треба да ја донесат Британците.

Претходно, Камерон соопшти дека заедно со лидерите на ЕУ постигнал договор, со кој Британија добива „специјален статус“ во ЕУ.

Според договорот, Британија добива специјален статус во врска со понатамошните политички интеграции во Унијата како и фер третман околу финансиските и економски аранжмани меѓу земјите од еврозоната и членките на ЕУ кои се надвор од неа.

Покрај тоа Британија ќе има право на работниците кои ќе дојдат да работат на островот да им ја ускрати социјалната помош и бенефициите во првите четири години, односно сè додека тие не почнат да придонесуваат во финансирањето на системот.