Македонија Јанакиески: СЈО ме товари за нешто што не постои

Јанакиески: СЈО ме товари за нешто што не постои

Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, за телевизијата „Нова“, во првото интервју по оставката, за акцијата „Титаник“ во која беше отворена истражна постапка и против него, рече дека „го товарат за нешто што не постои“ и дека „тоа е една политичка хајка кон луѓе што тие ги утврдиле дека се влијателни во ВМРО-ДПМНЕ“.

– На самата прес-конференција не беа приложени никакви докази, немаше никакви аргументи, ни зошто се поднесува барање за истрага, ниту, пак, барање за притвор. Во самиот конкретен акт што се однесува за мене, немаше ниту еден материјален доказ, ниту, пак, исказ. За жал, сè уште нашите адвокати, нашите бранители ги немаат добиено документите од СЈО. Се надевам дека тоа многу скоро ќе го направат, но она што го предочија е дека воопшто не е доставен ниту еден материјален доказ, а мене ме товарат како шеф на изборен штаб. Такво нешто не постои ниту правно. Значи, не постои таков документ дека јас сум бил шеф на изборен штаб, ниту, пак, во органограмот на ВМРО-ДПМНЕ постои таква функција. Значи ме товарат за нешто што не постои – вели Јанакиески.

Во однос на случајот со објектот „Космос“, Јанакиески изјави дека тој не бил урнат од политички прични туку дека „сите судски инстанци во Македонија имаат потврдено дека објектот е урнат во согласност со сите позитивни законски прописи.“

Поранешниот министер Јанакиески смета дека Специјалното јавно обвинителство работи по инструкции на СДСМ.