Свет Балкан Избори во Грција: Мицотакис освои мнозинство од 158 места во идниот парламент

Избори во Грција: Мицотакис освои мнозинство од 158 места во идниот парламент

Со ваквиот резултат, партијата на Мицотакис ќе може самостојно да ја формира идната грчка влада

Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис | Фото: European People's Party, CC BY 2.0, Викимедија Комонс

Актуелниот грчки премиер Кирјакос Мицотакис е убедлив победник на парламентарните избори што се одржаа вчера во Грција. Неговата конзервативна партија Нова Демократија освои 40,5 отсто од гласовите, со што доби 158 пратенички места во грчкиот парламент кој брои 300 пратеници, пишува грчкиот весник Катимерини. Со ваквиот резултат, партијата на Мицотакис ќе може самостојно да ја формира идната грчка влада.

Левичарската опозициска партија Сириза на Алексис Ципрас освои 17,8 отсто од гласовите, или само 48 пратенички места. Социјалистичката партија ПАСОК доби 11 отсто од граѓаните кои излегоа на изборите, со што обезбедија 32 места во грчкиот парламент. На изборите 20 пратенички места освои Грчката комунистичка партија, а се чини дека најголемото изненадување на изборите е влезот на националистичките партии во парламентот.

Па така, радикално десничарската Партија на Спартанците доби 4,7 отсто или 12 пратеници во грчкиот парламент, а идентичен број на пратеници доби и партијата Грчко решение. Националистичката партија НИКИ освои 10 пратенички места.

„Со денешните изборни резултати, Грција отвора ново, историско поглавје на својот пат“, изјави премиерот Мицотакис во телевизиското обраќање по завршувањето на изборите.