Економија Иванов ги повика египетските бизнисмени да инвестираат во Македонија

Иванов ги повика египетските бизнисмени да инвестираат во Македонија

Претседателот Ѓорге Иванов на денешниот бизнис – форум се одржа во Каиро ги повика египетските стопанственици да ја посетат Македонија, да се запознаат со позитивното искуство на веќе присутните компании и да се уверат дека Македонија нуди големи можности за ширење на нивниот бизнис.

Иванов рече дека трговската размена меѓу двете земји е на исклучително ниско ниво. Иванов рече дека Македонија и Египет имаат неисцрпни можности во индустријата и во историскиот, археолошкиот и културниот туризам.

– Знам дека во Египет има само осум македонски компании кои имаат инвестиции во висина од 700.000 американски долари. Додека зборувам, во една од технолошко -индустриските развојни зони во Македонија веќе се гради фабриката на египетската компанија „Беверли Хилс Холдинг” од Шурук. Но, тоа е далеку од можностите што постојат. Трговската размена меѓу двете земји е на исклучително ниско ниво. Денес сум тука со вас за да ве охрабрам да го следите примерот и да инвестирате во Македонија, и тоа поради три причини. Спроведовме сеопфатни реформи за подобрување на бизнис- климата. Воведовме поволен пакет на рамни даноци, кои се меѓу најниските во Европа. Со низа подобности им излегуваме во пресрет на инвеститорите во технолошко – индустриските развојни зони. Ги отстранивме повеќето правни и административни бариери за компаниите. Постојано инвестираме во инфраструктурата. Се градат автопати и започна изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Благодарение на договорите за слободна трговија со ЕУ, ЕФТА и ЦЕФТА, како и билатералните договори со Турција и Украина, инвеститорите преку Македонија имаат непречен пристап до пазар од 660 милиони потрошувачи.

Претседателот Иванов нагласи и дека неопходно е да се отвори директна авионска линија Скопје – Каиро.

На форумот присуствуваа околу стотина претставници од египетската бизнис заедница и министри.

Министерот за странски инвестиции Бил Павлески вчера потпиша протокол за соработка во земјоделството со Министерството на Египет.