Подглавна секција Исланд прогласи вонредна состојба поради страв од вулканска ерупција

Исланд прогласи вонредна состојба поради страв од вулканска ерупција

Во петокот во Исланд се забележаа над 800 потреси, за кои се смета дека се најверојатно предизвикани од подземна река од магма

Фото: Вулканот Фаградалсфјал на полустровот Рејкјанес, Mokslo Sriuba, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Во Исланд е прогласена вонредна состојба поради зголемениот ризик од вулкански ерупции на полуостровот Рејкјансес, известува Би-би-си. Забележани се повеќе од 20.000 земјотреси во земјата изминатите недели – се смета дека истите се предизвикани од подземна „река“ на магма, што може да резултира со ерупција.

Како превентивна мерка, евакуирани се жителите на градот Гриндавик, околу кој се смета дека постои најголем ризик за ерупција. Според Исландскиот метеоролошки институт, може да започне ерупција во кој било момент во следните неколку денови.

Вчера им било дозволено на околу триесет жители на градот пет минути да влезат во своите домови за да ги земат своите домашни миленичиња и што друго што им требало, известува Гардијан. Оваа операција била спроведена од полицијата, а хеликоптери во близина биле подготвени да ги евакуираат луѓето доколку во тој момент еруптирал вулканот Фаградалсфјал.

Познатата термална бања Сина лагуна исто така беше затворена претходната недела.

Земјотреси кои го зафатија регионот предизвикаа пукнатини на исландските патишта како и на земјата. Граѓаните на Гриндавик велат дека почувствувале земјотреси од пет до шест степени по Рихтеровата скала во периоди од по неколку минути.

На полуостровот Рејкјанес не била забележана вулканска активност 800 години, сè до 2021 година. Од тогаш се забележуваат ерупции секоја година.