Економија Инспекторите затворија уште пет маркети, не ги продавале производите по намалени цени

Инспекторите затворија уште пет маркети, не ги продавале производите по намалени цени

„Во повеќе наврати напоменав дека секој мора да ги почитува законите и Одлуките на Владата. Исто така, нема да дозволам никој да ги манипулира и доведува во заблуда граѓаните - потрошувачите“, напиша на Фејсбук директорот на Државниот пазарен инспекторат Трајковски

Фото: Фејсбук профил на директорот на ДПИ, Горан Трајковски

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски информира дека инспекторите казниле и затвориле уште пет маркети во земјава, и тоа во Кавадарци, Гостивар, Куманово и Тетово. Тој им се заблагодари на сите граѓани кои пријавуваат неправилности во Државниот пазарен инспекторат на 02/191.

„Во повеќе наврати напоменав дека секој мора да ги почитува законите и Одлуките на Владата. Исто така, нема да дозволам никој да ги манипулира и доведува во заблуда граѓаните – потрошувачите“, напиша на Фејсбук, директорот Трајковски.

Тој апелираше до сите трговци дека нема да има компромис ниту селекција во постапувањето на пазарниот инспекторат, кога е во прашање интересот на граѓаните.

Инаку, казните и затворањата на маркетите се поради тоа што истите не ја почитуваат владината одлука за замрзнување и намалување на цените на 24 категории прехранбени производи, меѓу кои лебот, млекото, јогуртот, оризот, тестенините, месото, кашкавалот и сирењето. Од вчера на сила е и мерката за замрзнати цени на безалкохолни пијалаци и светло пиво. Одлуката е биде на сила до 30 ноември.