Подглавна секција Илјадници протестираат со „црвени картони“ пред уставниот суд во Белград

Илјадници протестираат со „црвени картони“ пред уставниот суд во Белград

Демонстрантите бараат да се поништат резултатите на парламентарните и локалните избори во Белград

Фото: Уставниот суд во Белград, Ludovic Péron, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Продолжуваат протестите против резултатите на парламентарните и локалните избори во Белград на кои владејачката СНС прогласи победа, известува Радио Слободна Европа. Овој пат, граѓаните протестираат пред уставниот суд, со симболични „црвени картони“ в раце.

Опозициската коалиција „Србија против насилство“ како и ОБСЕ тврдат дека имало нерегуларности на изборите на кои српската партија на власт СНС прогласи победа.

Протестите се организирани од неформалната иницијатива „ПроГлас“, која е предводена од истакнати јавни личности, вклучувајќи ги актерката Светлана Бојковиќ, професорот Филип Ејдус и други кои држеа говори на денешниот протест.

Краток говор одржа и лидерката на „Србија против насилство“ Маринка Тепиќ, која 13-ти ден по ред штрајкува со глад.

„Земја која увезува гласачи и ги извезува своите деца нема иднина. Земја која апси студенти и ги пушта криминалците не е Србија во која сакаме да живееме“, рече Мирослав Алексиќ, претставник од „Србија против насилството“.

Истовремено, српската Републичка изборна комисија (РИК) соопшти дека ќе се гласа одново во пет општини.