Дописници Илија Димовски од Штип ја најави предизборната работа на терен

Илија Димовски од Штип ја најави предизборната работа на терен

Веднаш по распушатањето на Собранието, довчерашниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од Штип ја почна предизборната работа на терен. Тој најави дека ќе отидат во секое населено место, кај секој граѓанин, поради тоа што, како што рече, „овојпат во прашање е стабилноста на државата“.

Во однос на правењето на пратеничките листи, Димовски не соопшти имиња и се повика на постапката што тече во сите градови.

-Имаме огромен број квалитетни кадри, како во Штип така и во другите градови. Конкуренцијата, нормално, е присутна, но е и квалитет. Тоа значи добра понуда за граѓаните. Ќе се одржат работни состаноци на сите нивоа на партиските органи, а затоа конечно ќе одлучи централниот комитет на партијата, во рамките на роковите што се предвидени – рече Димовски.

Неофицијално, уште отсега се споменуваат неколку имиња од Штип кои би се нашле на пратеничката листа од изборната единица број три. Покрај пратеникот од трите собраниски состави, Трајче Димков, се споменуваат уште и актуелниот претседател на Советот на Општината Штип, Влатко Миташев, и проректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, Кирил Барбареев, како сосема ново име во овие комбинации.