Главна секција Хибриден напад: Дојави за бомби во министерства, трговски центри, висококатници и училишта

Хибриден напад: Дојави за бомби во министерства, трговски центри, висококатници и училишта

Кулите Џефахир Скај Сити осамнаа во првата скопска магла оваа сезона. Фото: Мета.мк

Дојави за поставени бомба утринава пристиганале во Министерството за надворешни работи, до Градскиот трговски центар, Џевахир сити, ТЦ Ист гејт, девет училишта меѓу кои и скопските гимназии „Јосип Броз- Тито“, „Орце Николов“ и „Никола Карев“, а и во едно основно училиште во Кавадарци.

„Денеска (12.12.2022) околу 08.20 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на едно основно училиште во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот “, соопшти МВР.

Од полицијата велат дека околу еден час подоцна по првата пријава во Кавадарци, односно околу 09.30 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на девет училишта, како и на Министерството за надворешни работи, ГТЦ, Џевахир сити, ТЦ Ист гејт е упатена закана за поставена експлозивна направа.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“, соопштија од МВР.

Од Министерството за надворешни работи соопштија дека соодветно на безбедносните протоколи, штом се создадат соодветни услови, вработените ќе се вратат на работа

Минатата недела освен анонимни дојави за поставени бомби во средни и основни училишта имаше и во Народната Банка, Трговските центри Ист Гејт и Бисер, како и Транспортниот центар и зградата Флатирон.

Утрово, и црногорската полиција соопшти  дека се случил нов бран од дојави за бомби кои пристигнале на електронски адреси на повеќе училишта  во Подгорица.

Една лажна дојава за бомби на 12 адреси, Скопје повторно блокирано