Свет Гутереш и официјално е новиот генерален секретар на ОН

Гутереш и официјално е новиот генерален секретар на ОН

Генералното собрание на Обединетите нации, во кое има претставници на 193 држави, денеска едногласно го именуваше поранешниот премиер на Португалија, Антонио Гутереш, за нов генерален секретар на светската организација, јавуваат светските агенции.

Советот за безбедност на ОН минатата недела едногласно го номинираше 67-годишниот Гутереш на местото на Бан Ки-мун, чиј петгодишен мандат истекува на 31 декември.

Со денешното гласање на генералното собрание, Гутереш и официјално стана деветтиот генерален секретар на ОН во 71-годишната историја на светската организација.

Освен што беше премиер на Португалија, од 1995 до 2002 година, Гутереш десет години ја извршуваше функцијата висок комесар за бегалци на ОН, од 2005 до 2015 година.