Македонија Груевски: Од 8 Септември 1991 година сме свои на своето

Груевски: Од 8 Септември 1991 година сме свои на своето

„Од 8 Септември 1991 година сме свои на своето, сите теории дека Македонија е привремена држава паднаа во вода“. Ова денеска го кажа премиерот Никола Груевски, во своето обраќање во Македонскиот народен театар по повод Денот на независноста.

– Сега, главниот предизвик е како подобро да се уреди животот и функционирањето на нашата држава, во рамките на демократските принципи, и како побргу во секој поглед да ги достигнеме стандардите на заедниците по кои стремиме, ЕУ и НАТО. Поминавме низ многу предизвици и премрежиња, но сите теории дека Македонија е привремена држава паднаа во вода. Македонија, со сите проблеми со кои се соочуваше, одеше напред, некогаш побрзо, некогаш побавно, но темелите се зацврстуваа, а куќата се надградуваше. Денешниот голем предизвик на Македонија, откако веќе ја доби независноста, е членството во ЕУ и во НАТО, и надминување на проблемот што го постави Грција, а поврзан со нашето име и идентитет. Очигледно, и за ова ни треба долга борба, овојпат политичка. Издржавме многу предизвици на овој план, но големите држави треба еднаш засекогаш да го решат овој проблем, а ние сме подготвени за компромис – рече премиерот Груевски.

Премиерот во својот говор се осврна и на други проблеми со кои се соочува државата. Тој рече дека демографијата, наталитетот и фертилитетот ќе останат во врвот на нивните најголеми предизвици.

– Годинава првпат во прво одделение се запишаа 1.000 првачиња повеќе отколку лани. Тоа со децении не се случило на овој простор – посочи премиерот.

За екстерното тестирање во училиштата, Груевски објасни дека се вовело откако во државата повеќе од една и пол деценија сите биле сведоци на необјективно оценување кај огромен број наставници и ученици. Тој додаде дека концептот за екстерното оценување уште повеќе ќе се подобри.

За проблемот со бегалците, Груевски рече дека засега државата добро се справува, но, според него, овој проблем е темпирана бомба која никој не знае кога ќе експлодира. Тој вели дека ова е еден од најголемите предизвици за ЕУ во поновото време, за кој се надева дека бргу ќе се изгради заедничка стратегија.

Премиерот зборуваше и за легализацијата на марихуаната.

– Мојот став по ова прашање е дека општата легализацијата на марихуаната не треба да се прифати. Тоа би довело до лоши последици долгорочно. Истовремено, прашањето за увоз и за пуштање во употреба со лекарски рецепт на лек кој е базиран на масло од канабис под строго регулирани услови, треба да биде опсежно проучено и јавно дебатирано, не од политичари или новинари или, пак, политички аналитичари, туку од лекари специјалисти во областите, фармацевти, доктори на науки и напредни научници исклучиво на стручна база – рече премиерот.