Македонија Груевски на амбасадорите им рекол дека изборите се најбрз начин за излез...

Груевски на амбасадорите им рекол дека изборите се најбрз начин за излез од кризата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска со амбасадорите на Германија, Велика Британија, Шведска и на Холандија, Кристине Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп, разговарал за актуелната политичка состојба, за позициите и за ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на нејзино надминување.

На средбата, на која присуствувале и членовите на извршниот комитет на партијата, Никола Попоски, Никола Тодоров и Владимир Ѓорчев, Груевски на амбасадорите им соопштил дека „најдобар и најбрз начин да се излезе од политичката криза е спроведување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните локални избори“.

Во однос на дебатата во Собранието, од ВМРО-ДПМНЕ било истакнато дека партијата ги користи сите законски и деловнички можности за искажување на сопствените ставови и позиции.

„Ништо нема незаконски и нема ништо што досега не се случило во минатото во Македонија, низ Европа и во светот, практично тоа е начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ го изразува револтот од прифаќањето и од наметнувањето на тиранската платформа“, стои во соопштението.

ВМРО-ДПМНЕ ги информирал амбасадорите дека во јануари, за време на разговорите со ДУИ за коалицирање, партијата истакнала дека нема да преговара за албанската платформа и оти потоа разговорите се фокусирале на унапредување на користењето на јазиците на немнозинските заедници во општините каде тие се повеќе од 20 отсто.

Од партијата нагласиле дека „е потребен дијалог и дебата, во рамките на институциите за поместување на работите, и организирање избори за излез од кризата“.

Претходно, амбасадорската четврока на 19 април имаше средба со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.