Главна секција Груевски: ДУИ не ја напушти Владата, само ќе изврши замена на министрите

Груевски: ДУИ не ја напушти Владата, само ќе изврши замена на министрите

Демократската унија за интеграција (ДУИ) не ја напушти Владата туку ќе изврши замена на своите кадри, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, додавајќи дека тоа е право на секоја партија која партиципира во извршната власт.

Тој рече дека немале средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети, по одлуката за повлекување на министрите од Владата.

– Средба не сме имале, а можеби ќе имаме. Не е точно дека сме останале само ние и СДСМ во Владата. Како што сум информиран ДУИ ја нема напуштено Владата, туку ќе изврши замена на своите кадри. Секоја политичка партија има право да изврши замена на своите кадри во Владата, да понуди други, се разбира тие треба да исполнат одредени предуслови со квалитетот, но секако има право на нивна замена – рече Груевски.

ДУИ во четвртокот доцна вечерта соопшти дека претседателството на партијата донело одлука за повлекување на своите министри од Владата.

Вчера ДУИ издаде подолго соопштение во кое ја дообјасни одлуката, а акцентот беше ставен на снимките од разговори на високи функционери на партијата кои протекоа во јавноста и на одговорноста за нивната дистрибуција.