Свет Балкан Грција ненадејно ги напушти преговорите во Брисел

Грција ненадејно ги напушти преговорите во Брисел

Преговорите меѓу Атина и Брисел повторно удрија во ѕид. Грчкиот преговарачки тим ненадејно ја напушти преговарачката маса и се враќа назад во Грција без да биде постигнат конечен договор со европските кредитори.

Според информациите, двете страни остануваат на своите црвени линии, а со тоа големи се разликите и несогласувањата околу реформите и мерките што би требало да ги преземе Грција.

Грчката страна, наводно, заминала од преговорите бидејќи не се согласува со барањата и со предлозите за мерки за штедење на европскиот преговарачки тим. Поради овој развој на настаните, на следниот состанок на Еврогрупата в четврток, на кој се очекуваше да се види напредок за грчкото прашање, воопшто и нема да се разговара за Грција. Со ова крајниот рок за постигнување договор меѓу Грција и Брисел е 30 јуни, кога и истекува привременото продолжување на кредитната програма за Грција.

Извори од грчката влада по вечерашното ненадејно напуштање на преговорите истакнаа дека нема да дозволат никакво ново намалување на платите и на пензиите, нема да дозволат поскапување на основните работи, како струјата, и нема да прифатат никакви нови рецесивни мерки што ќе ги поткопаат можностите за развој на Грција и на грчката економија.

Од кабинетот на премиерот Алексис Ципрас информираат дека Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) бара намалување на пензиите во висина од 1 отсто од БДП, односно 1,8 милијарда евра годишно и уште 1,8 милијарди евра од зголемување на ДДВ годишно, што, според грчката влада, е неприфатливо и неразумно и ќе влијае катастрофално на животот на ниската и на работничката класа во Грција, втурнувајќи ја целата држава во нов циклус на рецесија.

Грчките медиуми пренесуваат дека во Брисел владее негативна клима и коментари дека иако е направен напредок по некои прашања, сè уште владее песимизам дека со грчката влада може да се дојде до конечен договор наскоро.

М.П.