Свет Балкан Грчката православна црква повикува на екскомуникација на пратеници кои гласале за истополов...

Грчката православна црква повикува на екскомуникација на пратеници кои гласале за истополов брак

На двајца пратеници од Крф веќе им се забрани да присуствуваат на кои било активности на црквата

Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис | Фото: European People's Party, CC BY 2.0, Викимедија Комонс

Легализацијата на истополовиот брак во Грција продолжува да предизвикува строги реакции од Грчката православна црква, која апелира да се екскомуницираат пратениците на грчкиот парламент кои ја изгласале легислативата, пренесува Гардијан.

Од црквата велат дека пратениците направиле „врвна духовна и морална грешка“ со тоа што го изгласале законот за истополов брак, кој исто така им го даде правото на посвојување на деца на истополoвите брачни парови, и ги повикаа истите да се покаат.

На двајца пратеници од островот Крф веќе им е забрането да учествуваат на какви било активности организирани од црквата.

„За нас, овие двајца пратеници не можат да се сметаат себеси за активни членови на црквата. Ги поттикнуваме да се покаат за нивната несоодветност“, вели грчката православна црква во соопштение.

Црквата дополни дека сите пратеници кои нема јавно да се покаат ќе бидат исклучени од активностите на црквата.

Уште од почетокот на изгласувањето на законот на 15 февруари, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис е строго критикуван од црквата. Според неа, законот требало да се изгласа преку референдум. Дополнително, одредени пратеници од Неа Демократија, партијата на Мицотакис, исто така се противат на законот.

Црквата најави дека големиот собир на 24 март, со кој се одбележува почетокот на постот, нема да се одржи во катедралата во Атина, туку во помала црква. Но, на собирот не е поканета претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, а црквата ја одби поканата за вечера со претседателката на истиот ден, како што вообичаено се собираат верски и секуларни лидери од државата.