Македонија Границите со Србија и Косово остануваат отворени

Границите со Србија и Косово остануваат отворени

Извор на фотографија: Влада на РСМ (јули 2020)

Комисијата за заразни болести денеска не разговарала за затворање на границите со Косово и Србија и нема препорака до Владата, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски при посетата на Чучер Сандево.

– Ова не е прашање на политика, и затоа Владата не може да носи одлука која би била политичка. Ние сакаме да носиме одлука врз основа на стручните лица. Ако се согледа каква било потреба, ако се согледа дека има потреба од преземање мерки, тогаш ќе се разговара на Влада. А засега Владата нема донесено никаква одлука, и во моментов важи старата, односно дека границите се отворени – рече Спасовски.

Министерство за здравство вчера информираше дека Комисијата за заразни болести денеска ќе разговара за евентуален режим со границите на Србија и Косово, поради зголемениот број на новозаразени со корона вирусот, во овие две држави.