Македонија Град Скопје: Ние не носиме ДУП и не ја градиме улицата на...

Град Скопје: Ние не носиме ДУП и не ја градиме улицата на Кејот

Град Скопје не е институцијата што го донела деталниот урбанистички план и не ја гради сообраќајницата на Кејот 13 Ноември, се вели во реакцијата на Град Скопје на прес-конференцијата на претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Од Градот велат дека изјавите на Богдановиќ се невистини и манипулации и дека темата околу изградбата на сообраќајницата подолг период се злоупотребува од „одредени институции, политичари и политички партии“ за дневно-политички цели.

„Градот Скопје сака да ја информира јавноста дека изградбата на оваа пристапна улица со посебен сообраќаен режим е предвидена со детален урбанистички план донесен од Општина Центар, а истата ја гради приватен инвеститор. Град Скопје не е институција што ја има вцртано оваа улица и Град Скопје не е тој што ќе ја гради. Градот Скопје, врз основа на валиден документ, детален урбанистички план, кој е донесен од Општина Центар, е законски обврзан да издаде градежна дозвола за тоа. Доколку не го стори тоа, Градот Скопје може да биде тужен од инвеститорот и да сноси финансиски последици“, стои во соопштението од Град Скопје.