Македонија Град Скопје ќе ја уредува северната страна од кејот на Вардар од...

Град Скопје ќе ја уредува северната страна од кејот на Вардар од Лепенец до Аеродром

Екипите на Град Скопје денеска почнаа акција за чистење и уредување на северната страна од кејот на Вардар, на потегот од реката Лепенец до Аеродром. Во текот на наредниот месец на терен ќе работат екипите на јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Водовод и канализација“ и „Улици и патишта“. Тие прво ќе го исчистат потегот, а онаму каде што е потребно ќе ги обноват патеките, ќе го уредат зеленилото и ќе го заменат осветлувањето. Во акцијата ќе се вклучи и УНДП преку имплементација на проект за поставување урбана опрема – корпи за џебен отпад.

– Оваа страна од регулираното корито на реката Вардар беше чудно запоставена и токму поради таа запоставеност во последниве две и пол години во неколку наврати тука имавме акции за расчистување мини депонии. Сега, левата страна на коритото целосно ќе ја уредиме за граѓаните да ја користат како што ја користат десната страна, односно ќе ја изедначиме и по квалитет на инфраструктурата и според можностите што се нудат на граѓаните. Истовремено ќе го засилиме инспекцискиот надзор – рече градоначалникот Петре Шилегов, на почетокот на акцијата за чистење.

Тој потсети дека соработката на Градот Скопје со УНДП е перманентна и се одвива на повеќе нивоа и во повеќе проекти – еден од нив е и зелениот покрив на Градскиот трговски центар кој што стана омилено катче на граѓаните.

– Таа соработка ќе ја прошириме и ќе ја продлабочиме зашто од неа излегуваат квалитетни проекти и за граѓаните и за самиот град – нагласи Шилегов.

Постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, денеска рече дека пандемијата веќе го менува нашето однесување, дека се повеќе луѓе користат велосипед наместо јавен превоз, за да се заштитат од вирусот.

– Она што градовите може да го направат е да обезбедат зелени и безбедни патеки за возење велосипед, за пешачење и за рекреација. Благодарна сум на добрата соработка со Градот Скопје што на овој начин може да покажеме дека луѓето и природата може да коегзистираат заедно – рече Сахакјан.