Свет Свет Голема излезност на гласачите на претседателските избори во САД

Голема излезност на гласачите на претседателските избори во САД

На најголем дел од избирачките места во Соединетите Американски Држави забележана е голема излезност на гласачите, кои гласаат за нов претседател и избираат помеѓу републиканецот Доналд Трамп и демократската кандидатка Хилари Клинтон, јавуваат светските медиуми.

Кандидатот Доналд Трамп гласал со сопругата Меланија во Њујорк и на гласачкото место стигнал со големо обезбедување, точно во 11 часот по локално време.

На прашањето за кого ќе гласа, кратко одговорил „Тоа е тешка одлука“.

Медиумите пишуваат дека изборите се неизвесни како никогаш досега, а најновата анкета на „Блумберг“ покажува дека Клинтон е во водство за три проценти во однос на Трамп.

Предизборната кампања ја одбележа беспоштедната борба на двајцата кандидати и постојаните меѓусебни обвинувања за неспособност, но и аферата за повторното отворање на истрагата на ФБИ против Клинтон поради спорните употреби на приватната електронска пошта во службени цели.

Победата во трката за прв човек на една од светските сили ќе ја однесе кандидатот кој ќе собере 270 електорски гласови.

Резултатот до самиот крај ќе биде неизвесен, а главна улога повторно ќе игра Флорида, која има 29 електорати.